Стиропор или камена волна за контактна фасада?

Прашање: Почитувани, се надевам дека ќе најдете време за моето прашање и дека од Вас ќе добијам адекватен одговор и правилен совет. Имено, планирам да направам „демит“ фасада на станбен објект. Се работи за семејна куќа, ѕидана од гитер блокови, која од надворешната страна не е измалтерена.

Mислев да користам стиропор, но некои велат дека камената волна е подобра. Што ми препорачувате Вие? Кој е подобар изолатор и колкава е разликата во цената? Со кој материјал се гради побрзо? Ви благодарам.

Поздрав, Aлександар

Oдговор: Oдлуката на објектот да се направи контактна фасада (во секојдневниот говор познат е терминот Демит фасада) секако е сериозна одлука во секој поглед, а пред се во финансискиот затоа што бара вложувања кои и за помалку индивидуалните објекти се значителна ставка за домашниот буџет.

Токму поради таа причина, потребно е добро да размислите и да се обидете на сеопфатен начин да пристапите кон изборот и самата одлука за видот и квалитативното ниво на компонентите што ќе ги вградите. Ви предлагам да ги разгледате следниве факти:

  • контактна фасада правите еднаш во текот на животниот век на објектот – треба да одберете компоненти кои тоа ќе го овозможат,
  • размислете за сите аспекти и проблеми на зградата кои може да се решат со контактната фасада – покрај топлинската изолација во зима треба да размислите и за топлинската изолација во лето, звучната изолација од бучава од надвор и за отпорноста на пожар на фасадата,
  • обрнете внимание на условите за комфор во внатрешните простории по вградувањето на фасадата – ѕидовите и по вградувањето на изоалцискиот материјал пожелно е да „дишат“, те, да се овозможи дифузија на водената пареа преку надворешните ѕидови.

Доколку сте размислувале на горе наведениот начин, тука се крие и одговорот на Вашето прашање, дали е подобро за изолациски материјал да одберете стиропор (EPS) или камена волна. Доколку се определите за камена волна, ќе добиете соодветна топлинска заштита која е на ниво на EPS изолацијата (нормално за истата одбрана дебелина на изолацијата) но ќе добиете и одлична звучна изолација на ѕидовите како и негорлива фасада, нормално доколку изберете фасаден систем со сите компоненти кои се прилагодени на материјалот за изолација како што е камената волна (овие тнр. ETICS системи кои ги нудат одредени фирми имаат сертификувани системи со камена волна во клaсата A2 што ги класифицира како негорливи системи додека ETICS системите со EPS не можат да ја добијат оваа класа, секогаш спаѓаат во горливи системи).

И на крај, значителна разлика во карактеристиките е и паропропустливоста на материјалите; оваа карактеристика ја дефинира коефициентот µ и во принцип помалиот износ значи подобра паропропустливост на водена пареа. Добра ориентација е вредноста за воздух и вредноста µ воздух=1, за камена волна µ=1,2 a зa EPS µ=30-40. Од оваа споредба јасно е дека дифузијата на водена пареа низ ѕидовите со камена волна се врши без проблем, па така, и квалитетот на внатрешниот воздух секако е подобар во однос на системите кои во својот состав имаат исклучително непаропропустливи материјали.

Вашиот дел на прашањето во врска со самото вградување има едноставен одговор – ако се вградува согласно со прописите, двата система се рамноправни во смисол на тежината на вградувањето, или подобро да се каже леснотијата на вградувањето. Контактните системи имаат правила за вградување кои се подеднакви за двата система (EPS и камена волна), можеби клучната разлика е во тоа што плочите од камена волна задолжително се типлуваат за разлика од плочите од EPS кои не мора секогаш да се типлуваат (зависи од висината на објектот и од некои други ставки).

Oстанува уште цената – факт е дека контактните фасади со камена волна се поскапи од оние со EPS но и тука конечната оценка зависи од повеќе фактори. Ако ги одберете квалитетивно слични останатите компоненти на системот самата облога за изолација е двојно поскапа (камена волна vs EPS со иста дебелина). Ваше е да процените дали на страната со дополнителни бенефити кои ги има системот со камена волна има доволно аргументи како би вложиле средства во овој тип на изолација.